ГРЕШКИ КОИ ГИ ПРАВИМЕ ВО ПРИСТАПОТ КОН МАТЕМАТИКАТА | TeachHoot

ГРЕШКИ КОИ ГИ ПРАВИМЕ ВО ПРИСТАПОТ КОН МАТЕМАТИКАТА

boy-worried-about-math

Овде сакам да ви посочам на неколку типични грешки кои сум ги увидел дека учениците ги прават и кои мораме уште на почетокот да ги отстраниме:

1. ИМАМЕ СТРАВ ОД МАТЕМАТИКА

Голем број ученици, но и возрасни, не ја сакаат математиката со изговор „Мразам математика, не ми одат броеви“. Во основа стравот од математика им произлегува од немањето доволно доверба во своите способности за разбирање на броевите, па за да не излезат „незнајковци“ или „глупави“ не сакаат ни да размислуваат за броеви и математика.


Со сигурност знам, дека со примена на добра „стратегија и тактика“ и почесто „другарување“ со математиката, тој страв и тоа како може да се надмине. Со други зборови, треба на правилен начин, со добар пристап да се посвети повеќе време за учење математиката и стравот ќе исчезне.


2. НЕДОВОЛНО ВРЕМЕ НА ВЕЖБАЊЕ МАТЕМАТИКА

Иако математиката не може да се научи напамет, бара разбирање и континуитет, сепак најмалку време трошиме на математика… само ако напишеме домашна и толку. За учење на останатите предмети се троши повеќе време, се чита, се проучува, се повторува итн.

Често тоа е последица на претходната грешка - стравот од математиката и недостатокот на верба дека можеме да научиме. Па дури и да се почне со вежбање, се прават многу грешки кои не ни ги даваат бараните резултати, па следува нов сомнеж во сопствените способности, фрустрации и „кругот е затворен“. Си „докажавте“ себеси дека математиката не е за вас, па можеби се бараат виновници на друга страна, се „креваат раце од се“ итн.

Ниту еден спортист не станал врвен само поради тоа што е талентиран, туку дополнително морал да посвети доволно време за тренинг и го правел тоа правилно. Има многу спортисти кои се помалку талентирани од други, но сепак постигнале подобри резултати, само заради тоа што одвоиле повеќе време на квалитетна работа.

Доколку сакате да научите математика, морате да одвоите време за неа и правилно да ја учите.

hands-of-man-writing-into-the-notebook-with-math-symbols-and-formulas-various-school-supplies-flat-lay-studio-shot-on-wooden-background

3. УЧЕЊЕ МАТЕМАТИКА НАПАМЕТ

Учењето математика ни се сведува на решавање задачи, а математичките книги речиси и да не се користат. Резултат на тоа е дека се служиме со математички операции без да го разбереме нивното значење.

Знаеме дека со 0 не се дели, но зошто? Зошто кај дропките помал е бројот што има поголем именител? Или пак, зошто неравенката не смее да се множи со непозната? Вакви примери има безброј.

Теоријата треба да претходи на решавањето задачи. Многу работи се прават „механички“, без да се разберат, а токму тоа доведува до несигурност и страв од математика. Во математиката најважно е да се разбере „како функционираат нештата“.

Доколку имате проблем да разберете некоја математичка операција или некое математичко правило, зошто е баш така, слободно треба да побарате помош од некој другар или близок што „го бидува“ за математика, од вашиот наставник/професор на училиште/факултет или од професорот кај кој одите на приватни часови, ако одите. Можеби за другарот не е, но со сигурност обврска е на останатите двајца да ви објаснат.

chains

4. НЕ ГИ БАРАТЕ „АЛКИТЕ“ КОИ НЕДОСТАСУВААТ ВО МАТЕМАТИЧКИОТ ЛАНЕЦ

Непознавањето на сложените математички операции е поради непознавање на поедноставните. Редно е да си признаеме дека новата потешкотија има стара причина. При учењето некогаш нешто ќе се „прескокне“, нема да се научи и тоа прави проблеми.

Мислам дека како во никоја друга наука, математиката бара поврзување на знаењата како алки во ланец. Недостасуваат ли „алки“ во вашиот математичкиот ланец, нема далеку да стигнете со математиката. Особено се важни „алките“ од елементарната математика (основно и средно образование). Од искуство, со сигурност ви тврдам дека во повеќе од 90% случаи, кога студент има проблем да ја совлада вишата (факултетската) математика, причината „лежи“ во областите од елементарната.

Сите делови од една целина мора да се научат, бидејќи недостатокот на една го прави знаењето „климаво“.

Знаењето по математика мора да се темели на цврсти основи. За да ја изградите таа цврста основа, побарајте ги „алките“ што недостасуваат во вашиот математички ланец.


5. ОДАМ НА ПРИВАТНИ ЧАСОВИ ПО МАТЕМАТИКА И ТОА Е ДОВОЛНО?!

Веднаш да ви одговорам: „НЕ Е!“.

Добро е што сте заклучиле дека имате „дупки“ во знаењето по математика, ви треба помош и затоа сте се одлучиле да ангажирате приватен професор да ви помогне. И сега си викате: учам математика во школо, пишувам домашни задачи и одам на дополнителни приватни часови кај професор и тоа е доволно. Сигурно дека не е.

Добар приватен професор, еднаш неделно на пример, може да ви помогне полесно да го совладате градивото по математика или да ви го скрати времето за пополнување на „црните дупки“ во знаењето.

Но, ниеден приватен професор нема да може да ви помогне ако не работите сами дома, редовно и вредно. Најдобар ефект има ако времето потрошено за учење математика е поделено, дел со вашиот приватен професор, дел вие сами дома за да извежбате и повторите.

И секако, најкорисни за вас се оние приватни часови на кои одите со спремни прашања, меѓутоа прашања кои ќе ви помогнат да разберете „како функционираат нештата“, а не прашања или задачи „какви што даваат на тест“, па само да ги научите напамет.


НЕШТО МНОГУ ВАЖНО ЗА КРАЈ!!!

Ако добро забележавте, сите грешки кои ги наведов се некако поврзани меѓу себе. Особено грешката бр. 1 – Стравот од математика, потекнува како резултат на останатите. Недоволното вежбање, учењето напамет, небарањето „алки“ што фалат, погрешниот пристап кон приватните часови по математика, го генерираат стравот и одбивноста кон математиката.

Затоа, треба да се размислува и реагира паралелно на сите грешки кои ги правиме. Да се обидеме малку по малку, чекор по чекор, со добар пристап нив да ги коригираме. Напоменувам, на сите грешки треба да се работи постепено, но истовремено, заедно сите во „пакет“. Да не се залажуваме дека тоа уште на почетокот ќе оди лесно, но како ќе одминува време ќе оди се полесно и полесно. Како што нешто ќе поднаучите, ќе почнете подобро да ја разбирате математиката, ќе почне да ви се намалува стравот и „клопчето се побрзо ќе се одмотува“.

Можеби за дел од споменатите грешки веќе сте свесни, но задоволство би ми било доколку ве „освестив“ барем за уште една нова. Или доколку сте биле свесни за сите грешки што ги правите, ако барем успеав да ве натерам да почнете да размислувате за нив и како да ги надминете. Тоа е првиот чекор што треба да го направите, а знаете дека и најдолгиот пат почнува со првиот чекор. Затоа, АЈДЕ НА АКЦИЈА!!!

Најнови

Билтен