3 (ТРИ) КЛУЧНИ ПРИЧИНИ ЗОШТО Е МАТЕМАТИКАТА ВАЖНА ВО ЖИВОТОТ

female-draws-maths-and-science-formula

Реално, повеќето комплексни математички операции навистина никогаш нема да ги употребиме. Да, најчесто во секојдневието употребуваме само собирање, одземање, множење, делење. Па, не може само тоа да го научиме и тука да завршиме со математика. Ако е така, кажете ми зошто ни треба во секојдневниот живот да знаеме кога била првата Балканска војна, каде извира Дунав, што се ензими, што е синкопа? Или било кое друго прашање од историја, географија, биологија, музичко или било кој предмет. И што, да не одиме ли во школо, а? Ха, ха, никако тоа!

Секој од нас се специјализира, станува професионалец за некоја наука. Не знаеме која ќе биде нашата професија од најмали нозе. Никој никогаш не знае каде ќе го однесе животниот пат и кој дел од која наука ќе му затреба. Многу од науките се поврзани меѓу себе, биологија и хемија, математика и физика, математика и хемија, социологија и психологија итн. Токму математиката има примена во многу други науки, дури и на многу од нив е темел за нивна надградба.

Значи, наспроти општиот став, математиката отсекогаш била и ќе остане еден од најважните предмети. Да ги видиме сега трите, според мене клучни, причини зошто е тоа така:


1. МАТЕМАТИКАТА ВЕ ГРАДИ КАКО ЛИЧНОСТ

Математиката не е само броеви и пресметки. Таа го развива вашето логичко размислување, односно ве учи како да:

  • • анализирате,
  • • бидете прецизни,
  • • не се откажувате,,
  • • размислувате критички,
  • • размислувате неколку чекори однапред,
  • • го согледате проблемот од сите страни,
  • • ги поврзете и разликувате причините од последиците,
  • • одвоите важно од неважно,
  • • пристапите систематски во решавање на проблемите во животот итн.

Иако можеби работата со која ќе се занимавате нема да ви биде тесно врзана со математиката, вештините кои ќе ги стекнете, со сигурност ќе ви користат во приватниот и професионалниот живот.

Па што друго е личноста ако не неговите размислувања, неговите анализи, ставови, вештините за пристап и решавање на проблемите итн. Математиката сето тоа ви го овозможува, ве гради како личност со сите квалитети.

Со други зборови, математиката едноставно „ви дава сертификат“ дека сакате и знаете како да ги решавате проблемите кои ви се препречуваат.


2. МАТЕМАТИКАТА Е ДЕЛ ОД ВАШЕТО СЕКОЈДНЕВИЕ

Каде се применува математиката во секојдневниот живот? Лесно прашање. Многу потешко е да се одговори, каде не се применува. Да се освестиме за важноста на математиката во секојдневието. Количини, односи, дропки, проценти, камати, цени, готварски рецепти... се е поврзано со математика. Проблемот е што се луѓето „слепи“ или се прават „слепи“ за примената на математиката.

Секојдневно сте опкружени и ги користите својот паметен телефон, компјутер или лаптоп, електронски картички, ТВ и радио приемник, автомобилот, објектот во кој живееме итн. Во основа на сето тоа е математиката, од причина што таа е основа на многу природни и општествени науки.

Сега стигнуваме до науките кои се потпираат на математика: ИТ индустрија, роботика, машинство, електроника, градежништво, економија, технологија... Покрај овие науки кои се темелат на математика, таа има примена и во музиката, спортот, уметноста, медицината, земјоделието, архитектурата, авто индустријата, дизајн на мебел... Па сето ова е ваше секојдневие!

Кое прашање е полесно сега, каде се применува или каде не се применува математиката, а?


3. МАТЕМАТИКАТА ВИ НУДИ МОЖНОСТИ ЗА ИДНИНАТА

Новите технологии го менуваат начинот на кој живееме и тие се нашата иднина. Тоа се технологии и науки кои директно се темелат на математика, како ИТ индустријата, електрониката, машинството, роботиката... Се побрзиот нивен развој и поголемата зависност на човештвото од нив, прави математиката да биде се позастапена и во иднина. Ни се допаѓало тоа нам или не, математиката станува се поважен фактор во многу индустрии.

Дури и развојот на други науки, кои на прв поглед немаат многу заедничко со математиката, „зависат“ од неа. На пример, развојот на медицината во добар дел се должи на развојот на одредена техничко-технолошка дисциплина. Нови апарати и инструменти за откривање и лекување на разни болести, се е тоа придобивка на развојот на техниката, во чија основа е математиката.

И можеби математиката не е цел сама по себе. Таа е „маша за буричкање во огнот“ разгорен од многу науки и индустрии. А замислете да немате маша. Или ќе треба огнот да угасне или да буричкате со голи раце.

Многу математички истражувања и решенија потекнуваат од проблеми во реалниот свет. Со цел подобар и поудобен живот, реалниот свет има свои барања, односно креира проблеми. Решавајќи ги нив, или произлегуваат други проблеми, или добиените решенија треба да се подобрат и надградат, или се креираат нови проблеми за уште подобар и поудобен живот, и така се во круг. Науките и индустриите треба да понудат решенија за тие проблеми и ете ја потребата од математиката.

И на крај, иако без мерак го пишувам ова, поради се претходно споменато, математиката може да ви обезбеди „билет“ за во светот. Многу паметни деца од посиромашните земји ја сметаат токму математиката и техничките науки како „отскочна даска“ за излез од сиромаштијата и општествената деградација. Одат во развиените земји за добро да го наплатат своето знаење во некоја од многуте индустрии.

Ајде сега одговорете си, дали и колку е важна математиката во животот?

За крај погледнете го интересното видео, во кое се објаснува присуството на математиката во секојдневниот живот:

Најнови

Билтен