Основни работи во програмирањето-променливи или варијабли
- Деан Живковски
- 2017-10-28T19:46:08.5870000
- Програмски јазици

Променливи или како што практикуваат повеќето програмери да ги нарекуваат варијабли се нешто во кое чуваме вредност. Тоа нешто, односно неговата вредност можеме да ја користиме, повикуваме и да ја менуваме низ програмата.
1. Декларација и иницијализација на променливи
Променливата најпрво треба да ја декларираме (назначиме), потоа да ја иницијализираме, т.е да и доделиме почетна вредност за на крај да можеме да ја користиме низ програмата.
Декларирањето го вршиме со тоа што најпрво го наведуваме нејзиниот тип, а потоа нејзиното име, кое мора да биде единствено за да не ја помешаме со некоја друга променлива во истата програма.
Типот на променлива означува каква вредност можеме да чуваме во неа. Типови на променливи во различните програмски јазици можеме да имаме повеќе, тука ќе наведам неколку кои се застапени во скоро сите програмски јазици.
Интеџерот или цело бројниот е тип на променлива во која можеме да чуваме само цело бројни вредности, т.е. сите природни броеви заедно со нулата и нивните негативни броеви. Клучното зборче кое го пишуваме во програмата за да декларираме интеџер променлива е int.
2. Децимален и знаков тип на променливи
Променлива од децимален тип, е таква променлива во која можеме да чуваме децимални вредности, односно броеви со вредност позади запирката, како на пример 1,83. Клучното зборче за овој тип е float.
Имаме и знаков тип во чија променлива можеме да чуваме еден знак. На пример знакот ‘а’, односно малата буква а. Знак како вредност во програмирањето скоро во секој програмски јазик се означува со тоа што тој се сместува помеѓу единечни наводници. Со ова и кажуваме на програмата дека таа вредност е знак.
Ова е важно поради тоа што на пример за единицата во програмскиот јазик имаме и бројка и знак. За да можеме да ги разликуваме, единицата да биде како знак мораме да ја сместиме помеѓу единечни наводници, ако не ја сместиме програмата ќе си мисли дека тоа е бројка. Клучното зборче за овој тип на променлива е char.
Да замислиме дека имаме некоја кошничка во која можеме да чуваме само јаболки (типот на променлива е јаболка). На почеток на денот во кошничката да ставиме 3 јаболки (променливата ја иницијализираме со вредност 3), потоа на пладне со една од тие јаболки да направиме пита, па во кошничката да ни остане 2 јаболки (променливата добива нова вредност, а тоа е 2).
Попладне да одиме до пазарче и да купиме уште 6 јаболки и да ги ставиме во кошничката. На крајот од денот во кошничката ќе ни останат 8 јаболки (повторно ја менуваме вредноста на променливата на 8).
Тука кошничката е променливата, типот на променлива е јаболки, бројот на јаболки во кошничката е нејзината вредност, а пак нашиот цел поминат ден е програмата.
Следно: Услови во програмирањето-->
За да научите повеќе за основите во програмирањето, слободно пишете му на Деан Живковски и побарајте помош : )