КАКО УСПЕШНО ДА ГО РЕШИМЕ ИСПИТНИОТ ТЕСТ

math test

Сигурно ви се случило добро да се подготвите за тест и на тестот да „ја утнете работата“. Еве ви неколку совети кои ќе ви помогнат да го извлечете максимумот од себе за време на тестот и постигнете што подобар резултат, откако добро го подготвивте материјалот кој беше за учење:

1. На тест се оди одморен и полу-гладен, односно полу-сит

Ако отидеме уморни и ненаспани веројатно е дека мозокот ќе ни „заблокира“. Потоа ако отидете најадени, организмот ќе се насочи да ја свари храната во стомакот и ќе ви недостасува крв т.е. кислород во мозокот за подобро да размислувате.

2. Никако немојте да задоцните и да ги заборавите личните документи (доколку имате)

Така сигурно сте паднале на тестот, бидејќи нема да можете да присуствувате на испитувањето.

3. Понесете го потребниот прибор

Земете резервно пенкало, молив, калкулатор (доколку е дозволено), линиар, гума... и се што ви е потребно за тестот и решавање на задачите.

4. Внимателно слушај ги упатствата на професорот во врска со тестот и прочитај ги упатствата за работа...

Се одговара ли со заокружување, има ли негативни поени, има ли повеќе точни одговори за исто прашање, се користи ли калкулатор, се признаваат ли половични задачи (постапката точна, а резултатот погрешен), колку време трае тестот, која задача колку бодови носи итн. Доколку нешто не ти е јасно, слободно прашај. И не заборавај да го напишеш своето име и презиме на листовите кои ќе ги предаваш (тоа се прави пред да почнеш да решаваш).

5. Подреди ги задачите по тежина

    Oдносно:
  • -задачи кои можам веднаш да ги решам
  • -задачи за кои треба да размислам
  • -задачи кои мислам дека не ги знам

Се почнува од најлесните за тебе задачи, кон најтешките. Мора прво да ги „собереш сигурните бодови“, па потоа да го трошиш времето за размислување на останатите. При тоа треба постојано да го имаш во предвид преостанатото време за решавање на тестот. За тоа како се решаваат задачи, прочитај го мојот блог „4 чекори при решавање задачи по математика“, мислам дека може да ти помогне.

6. Не го предавај тестот пред завршување на времето

Дури и да си го решил целосно, направи проверки. Колку пати ви се случило да си увидете грешка откако сте го предале тестот и излегле. Затоа, искористете го времето или да размислите за решавање на уште некоја задача или да ги проверите решените.

7. Внимавајте на прашањата со негативни поени

Пребројте што според вас ви е точно и ако имате доволно за положување на тестот, не ризикувајте да одговарате на нив ако не сте сигурни. Ако немате доволно за положување, тогаш да, одговорете и на нив „на среќа“, нема што да изгубите, можете само да добиете.

8. После тестот дома проверете го тоа што сте го напишале

Можеби на следниот час професорот ќе ве праша за нешто за да го утврди вашето знаење. И задолжително поразговарајте со професорот за задачите кои не сте ги решиле точно. Ќе научите како треба, а тоа може да ви биде од голема корист за наредниот тест.

И повторно ќе наведам. Најважниот предуслов за добар тест е квалитетно научен материјал. Сите овие совети се добри за да ве насочам што е се важно за добар тест, меѓутоа без научен материјал „се е џабе“. За да ви олеснам прочитајте ја мојата статија „КАКО ДА СЕ ПОДГОТВИМЕ ЗА ТЕСТ ИЛИ ИСПИТ ПО МАТЕМАТИКА“

Најнови

Билтен