КАКО ДА СЕ ПОДГОТВИМЕ ЗА ТЕСТ ИЛИ ИСПИТ ПО МАТЕМАТИКА
- Игор Богданоски
- 2017-10-24T15:10:46.4800000
- Математика

- За успешен тест потребно е успешно да ги поминеме двете фази од тестот:
- - подготовка пред тест (слушање предавања, учење, анализирање на материјалот итн.)
- - чинот на решавање на тестот
Овде ќе се задржиме само на делот на подготовката пред тестот. За втората фаза, чинот на решавање на тестот, можете да прочитате повеќе во мојот блог „Како успешно да го решиме испитниот тест“
Тестот не е само чинот на решавање и проверка на вашите способности тој ден. Ќе се сложите, периодот пред тестот дури е и многу поважен, за постигнување на крајната цел – положување на испитот или добра оцена на тестот.
Успехот на тестот многу зависи од вашето однесување во периодот пред тестот, односно кога се подготвувате за него. Повелете неколку совети кои сигурно ќе ви бидат корисни насоки како добро да се подготвите за тестот/испитот по математика:
1. Подготовките почнуваат при првата средба со материјалот, на првото предавање, со првите белешки и задачи што ќе ги запишете
Водете ги нив на организиран начин. Средувајте ги што поскоро, веднаш по предавањето. Прегледајте ги и потсетете се на претходните белешки/задачи пред секое ново предавање, за да можете што подобро да го следите часот. Особено водете сметка за деловите за кои професорот ви посочил дека се важни, ги нагласил и напоменал дека можат да ви паднат на тест/испит.
2. Добро проценете го вашето претходно знаење по математика, вашите способности
Согледајте кои претходни математички познавања ви недостасуваат за да го разберете материјалот кој треба да го научите. Доколку не можете тоа да го направите сами, побарајте помош од професорот во училиште или пак од приватниот професор, доколку сте ангажирале таков. Тие со сигурност знаат кои претходно изучувани области треба да ги знаете, но го знаат и вашето предзнаење.
3. Добро испланирајте го времето за учење
Што повеќе ви недостасува предзнаење, толку повеќе време ќе треба да посветите за учење, сето тоа да го надополните. Поделете го тоа што треба да го научите на делови и определете време за секој дел. Не се задоволувајте да го научите материјалот напамет. Така не се учи, особено не математиката. Се што е научено со разбирање ќе ви користи на следниот тест и така постепено ќе го градите своето знаење и за некој нареден тест, ќе треба да го учите само новиот материјал.
4. Побарајте помош доколку имате потребa
Ако нешто не ви е јасно или тешко го совладувате отидете на консултации кај професорот, или прашајте го пред или после час. Така, и ќе го научите непознатото, и ќе оставите впечаток дека се трудите и вредно работите, а кој професор не сака да го види тоа? Можете да побарате помош и од некој другар што „го бива“ за математика или од професорот што сте го ангажирале за приватни часови. Ако другарот ве одбие, било кој од професорите со задоволство ќе ви објаснат. Тоа е нивна обврска. Барањето помош може и значително да ви го скрати времето за учење, наместо сами да откривате и учите тоа што не го знаете.
5. И конечно, седнете и учете, согласно планот што сте го направиле
Времето предвидено за учење користете го ефикасно. Не, да „ѕирнам“ што има на социјалните мрежи, што има на ТВ, да телефонирам на другарот... и тоа да го сметате како време поминато во учење. Немојте да учите кога се чувствувате уморни и психички лошо. Тоа е губење време. Но, одморете се, средете ги мислите и навистина одвојте време кое ефикасно ќе го искористите за учење.