КАКО ДА НАУЧИТЕ МАТЕМАТИКА
- Игор Богданоски
- 2017-09-29T15:47:37.2330000
- Математика

Математиката е еден од предметите кои бараат континуирана работа и ефективно учење. Тоа е предуслов за подобро знаење и подобри оцени, а прв и најважен чекор кон тоа е да знаете како да ја учите.
Откако видовме кои се „Грешките кои ги правиме во пристапот кон математиката", редно е да ви дадам и неколку насоки како полесно да ја научите.
Немојте да помислите дека откако ќе прочитате неколку добри совети за тоа како да научите математика, таа „сама“ ќе се научи. Успешното учење на математиката бара доста работа, труд и вежбање. Иако многумина не мислат така, математиката може да ја научи секој. Нормално, ако се потруди и има желба да ја научи.
Овде одвоив неколку од тие добри совети (насоки) како да научите математика што многумина ќе ви ги посочат, а на вас останува само да ги примените:
1. ТРЕБА МАТЕМАТИКАТА ДА ЈА УЧИТЕ СО РАЗБИРАЊЕ И РЕДОВНО
Ниту еден совет подолу не можете да го примените, односно да ви го даде посакуваниот ефект од учењето, без овој најважен совет. Ова е секогаш прво и основно, се друго се надградува на редовното учење со разбирање.
2. ИМАЈТЕ САМОДОВЕРБА
Математиката може да се научи како и се останато. За совладување на градивото не се потребни никакви посебни способности. Секој може да научи, само ако доволно се потруди. Бидете оптимисти и докажете си себеси и на другите дека можете да научите.
3. ПРОНАЈДЕТЕ ИНСПИРАЦИЈА ЗА УЧЕЊЕ МАТЕМАТИКА
Често се случува да го одложуваме почетокот на учењето поради тоа што немаме инспирација, расположение итн. Реално, ако чекате да добиете инспирација за учење, најверојатно никогаш нема да почнете. Почнете да учите без неа. Кога успешно ќе ги решите првите задачи, тие ќе ви бидат инспирација за да продолжите.
4. АНАЛИЗИРАЈТЕ КАДЕ ВИ „ЗАПНУВА“ СО РЕШАВАЊЕТО НА ЗАДАЧИТЕ
Веројатно „запнува“ затоа што имате неколку „дупки“ во знаењето. Значи прво, научете го добро тоа што е пропуштено. Потоа проверете дали правилно ги применувате постапките за решавање на задачите. Кога сето ова ќе го направите можете да почнете со „вистинската“ математика.
5. ВНИМАВАЈТЕ НА ЧАСОВИТЕ
Следете внимателно како вашиот наставник/професор ги решава задачите и ви објаснува. Согледајте што ви е јасно, а што не разбирате. Слободно прашајте го за се што не разбирате. Тој е тука за да објасни. Дома повторно решете ги задачите кои сте ги решавале на часот.
6. ПИШУВАЈТЕ ДОМАШНИ ЗАДАЧИ
Домашната задача се пишува истиот ден кога сте имале час по математика и ви ја задале. Добро е да ги споредите резултатите со некој добар математичар во класот. Доколку ви се разликуваат резултатите размислете зошто е тоа така.
7. РЕШАВАЈТЕ ЗАДАЧИ
Не само задачите кои ви се за домашна задача. Прво обидете се да ги пререшите задачите кои сте ги работеле на часот, но без гледање. Ако некаде „запне“ обидете се сами да се сетите на следниот чекор.
Да, можете да „ѕирнете“ во тетратката како сте ја решавале задачата на час, но не на секој чекор само да „ѕиркате“. Задачата можете да сметате дека сте ја научиле ако можете да ја решите без гледање во тетратката.
Потоа, решавајте задачи од збирки. Прво решените, за да можете да се контролирате во решавањето, па потоа нерешените. Исто така, прво се решаваат поедноставните задачи, за да се „загреете“, па потоа тие покомплицираните.
8. НАПРАВЕТЕ ПЛАН ЗА РЕШАВАЊЕ НА ЗАДАЧАТА
Прво што треба е задачата да ја разбереме, да видиме што е познато, а што непознато, кои се условите во задачата итн. Потоа треба да направиме план како ќе пристапиме за да ја решиме, кои се врските помеѓу познатите и непознатите.
Следен е чинот на решавање каде треба да работиме концентрирано и да внимаваме на секој чекор, за на крај, откако ќе го добиеме резултатот, да размислиме дали тој има смисла и која е неговата практична примена.
За оваа тема можете (ви препорачувам тоа да го направите) подобро да се запознаете во еден мој претходен блог „4 чекори (методи)при решавање задачи по математика“
9. ПОДЕЛЕТЕ ГО МАТЕРИЈАЛОТ НА ПОМАЛИ ДЕЛОВИ
Ако ве фаќа паника од тоа колку има за учење, многу е едноставно решението – поделете го материјалот на помали делови. Кога ќе го научите успешно првиот дел, тоа ќе ве поттикне да продолжите со вториот, третиот итн. Малку по малку ќе го совладате градивото без непотребното нервирање.
10. НАПРАВЕТЕ ПЛАН НА УЧЕЊЕ
Ви се случува да имате впечаток дека премногу саати поминувате во учење? Еве зошто: Првиот половина саат барате што треба да се учи, па половина саат се премислувате како да почнете, па после малку разговори по телефон со другарите, па да видите „на секунда“ што има ново на социјалните мрежи... и сето тоа го сметате како учење? Ако времето испланирано за учење математика, го искористите на ефективно учење, нема да го имате тој впечаток. Така ќе имате и повеќе слободно време и ќе бидете поефикасни со учењето. Пред да почнете да учите исклучете се што може да ве деконцентрира. И секако, најдобро е прво да ја научите теоријата, дефинициите, правилата..., а тоа ќе ви помогне за решавање на задачите.
11. НЕМОЈТЕ ДА УЧИТЕ САМИ
Нели понекогаш кога сте решавале задачи по математика, сте посакале да имате некој покрај себе кој може да ви помогне да решите некоја задача која не ја знаете или барем да ви потврди за друга дека точно сте ја решиле.
Понекогаш е добро да решавате математички задачи со некој кој ќе ви помогне, ќе ви објасни тоа што не ви е јасно, ќе ве мотивира и ќе ви го направи учењето поинтересно.
12. ПРАШУВАЈТЕ
Не постојат глупави прашања. Побарајте објаснување за непознатите задачи од наставникот/професорот, домашните, близок пријател, професорот каде што одите на приватни часови, од било кој. Пополнете ги празнините во знаењето и запамтете: НЕ МОЖЕТЕ ДА ПРОДОЛЖИТЕ ДОДЕКА НЕ ВИ СЕ РАЗЈАСНИ НЕПОЗНАТОТО!
13. ПОВТОРУВАЈТЕ ГО НАУЧЕНОТО
Одвреме-навреме, навратете се на стариот материјал, на задачите кои порано сте ги решавале, за да се потсетите, да го „освежите“ знаењето. Повеќе од 20 години држам приватни часови на ученици и студенти, многу теми сум им предавал, па и јас седнувам и го повторувам материјалот, се подготвувам за час, бидејќи дел од наученото, некои детали, со тек на време може да се заборават.